Биографија

СанаториумОва е САНАТОРИУМ, бендот кој ќе ве одведе во центарот на лудилото, ќе ви го разнесе паметот и ќе ве одведе на работ на разумот; бенд кој располага со огромна моќ и енергија. САНАТОРИУМ е составен од четири члена: Перо Стефановски (гитара и вокал), Константин Качев (гитара), Горан Станковиќ (бас гитара) и Горан Атанасов (тапани). Мрачните мелодии на гитарскиот тандем и експлозивната ритам секција, засилени со вокалот на Перо и пратечките вокали го прават САНАТОРИУМ навистина јак, експлозивен, целосен, зрел, моќен и екстремно гласен бенд.

СанаториумСАНАТОРИУМ се оформени во Скопје, 1987 година. На почетокот настапуваат во мали клубови и гаражи низ градот, за потоа да направат пауза до 1990 година заради заминување на членовите на бендот во војска. По завршувањето на обврските, започнуваат сериозно да работат на музичко поле, подготвувајќи музика, текстови, аранжмани, сценски настапи и сл. За кратко време, САНАТОРИУМ успеваат да го привлечат вниманието на публиката и критиката. Тоа е повод да бидат поканети на најголемиот метал фестивал во Југославија, HARD METAL (Нови Сад 1991 и Белград 1992) каде добиваат повеќе понуди за снимање на нивниот деби албум, но за жал тоа не го реализираат заради распаѓањето на Југославија. Конечно, во 1992 година САНАТОРИУМ влегуваат во студиото на Македонската Радио Телевизија и го снимаат својот деби албум, но заради несогласување со издавачот, албумот го снимаат на македонски јазик, а не на англиски како што сакаат тие.

СанаториумПосле издавањето на албумот „На работ на разумот“ тргнуваат на турнеја низ Балканот и соседните земји, од каде произлегува и вториот снимен материјал наречен „Live in Hungary“, како и видео од истиот настап. Во 1996 година го реализираат третиот албум наречен „No more“, комплетно испеан на англиски јазик, освен бонус песната која е на македонски. После издавањето на албумот следат низа концерти низ Европа. Албумот е тематски базиран на протест поради военото лудило што ги зафати екс-југословенските простори.

СанаториумДеби албумот „На работ на разумот“ е снимен и миксан во М-2 студиото на МРТВ во периодот април-ноември 1992. Вториот материјал „Live in Hungary“ е сниман во Сегедин (Унгарија) во декември 1992 година. Третиот албум „No More“ е сниман и миксан во City Sound Studio во Скопје, од ноември 1995 до април 1996 година. Во август 2000 година, по подолга пауза САНАТОРИУМ настапуваат на фестивалот METAL 2000 во Софија заедно со легендите Motorhead. Забележителен настап имаат и на фестивалот Таксират 2 на 25.11.2000 година. На 16.6.2001 го промовираат своето ново CD кое го содржи комплетниот материјал од првиот албум „На работ на разумот“ дополнет со две нови песни, снимени во студиото на Дарко Димитров, како и три концертни снимки.

СанаториумПотоа следат настапите за промоција на албумот низ градовите во Македонија, како и концертите со Slayer и Halford во Софија (Бугарија) и со Soulfly во Белград (Србија). Во моментот САНАТОРИУМ работат на нивниот следен албум.